ПочетокРаботно претседателствоЧленовиСемејствата на членовитеСпонзориКонтролен одборФотографииКорисни адресиКонтактАрхиваАрхива 2011 избори
Добродојдовте на интернет страните на Друштвото „Македонија“ - Echallens
Основано во 1989
Комуникација за избори
Барање за запишување
Предлог-Роковник за предвремени избори
Образец - Пријава
Најново известување
Предлог-Роковник за предвремени избори
 
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА
Број ­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­­___________________
____________. 2011 год.
С К О П Ј Е
 
 
ПРЕДЛОГ - РОКОВНИК
за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија
 
I.          РАСПИШУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ
I. 1       Актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите. Актот за распишување на изборите се доставува до Државната изборна комисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за правда. Актот за распишување на изборите се објавува во “Службен весник на Република Македонија”. (член 12, став 1, 2 и 3)
I. 2       Предвремените избори за пратеници се одржуваат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Предвремени избори за пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на Изборниот законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања. Роковите за спроведување на изборните дејствија ги утврдува Државната изборна комисија. (член 15 став 1, 2 и 3)
I. 3       Собранието се самораспушти на 14 април 2011 година.
I. 4.      Претседателот на Собранието ги распиша предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија на 15 април 2011 година како ден од кога почнуваат да течат роковите.
I. 5       Изборите ќе се одржат на 5-ти јуни (недела) 2011 година.
 
II.         ОРГАНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ
II.1       Државната изборна комисија во рок од три дена од денот на распишувањето на изборите доставува барање до органот на државната управа надлежен за водење евиденција на државни и јавни службеници и надлежните органи за доставување на податоци за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на градот Скопје, како и јавната администрација, систематизирани по општини според адресата на местото на живеење. (член 32 став (1) во врска со член 15 став (2))
најдоцна до:   24:00 часот на 18 април 2011 година
 
II.2       Органот на државната управа надлежен за водење евиденција на државни и јавни службеници и надлежните органи податоците за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на градот Скопје, како и јавната администрација систематизирани по општини според адреса на живеење ги доставуваат до Државната изборна комисија во рок од пет дена од денот на добиеното барање. (член 32 став (2) во врска со член 15 став (2))
најдоцна до:  24:00 часот на 23 април 2011 година
 
II.3.      Државната изборна комисија во рок од пет дена од денот на добивањето на податоците од органот на државната управа надлежен за водење евиденција на државни и јавни службеници и надлежните органи податоците за вработените во државната и општинската администрација, администрацијата на градот Скопје, како и јавната администрација систематизирани по општини според адреса на живеење ги формира општинските изборни комисии. Одлуките со кои се формираат општинските изборни комисии се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” (член 35 став (1) во врска со член 15 став (2)).
најдоцна до:  24:00 часот на 28 април 2011 година
 
II.4.      Државната изборна комисија во рок од три дена од денот на формирањето на општинскита изборна комисија, ги доставува податоците до општинската изборна комисија за вработените во државната, општинската администрација, администрацијата на град Скопје и јавната администрација кои имаат живеалиште на територијата за која е надлежна општинската изборна комисија за преземање на изборни дејствија, заради формирање избирачките одбори односно дополнување со нови членови и заменици на место на членовите и замениците на кои по разни основи им престанал мандатот во одборите. (член 39 став (1) во врска со член 15 став (2))
најдоцна до:   24:00 часот на 1 мај 2011 година
 
II.5.      Општинската изборна комисија доставува барање до политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови и политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, да достават предлозите за членови на избирачки одбори и нивните заменици, заради формирање на избирачките одбори.
најдоцна до 24:00 часот на 30 април 2011 година. 
 
II.6.      Политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови и политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови,предлозите за членови на избирачки одбори и нивните заменици ги доставуваат до општинската изборна комисија во рок од пет дена од денот на добивањето на известување од општинската изборна комисија. (член 38 став (6) во врска со член 15 став (2))
пет дена од денот на добивањето на известувањето од надлежната општинска изборна комисија, најдоцна до:             24:00 часот на 5 мај 2011 година
 
II.7.      Општинската изборна комисија во рок од пет дена од денот на добивањето на податоците ги формира избирачките одбори односно ги дополнува со нови членови и заменици на место на членовите и замениците на кои по разни основи им престанал мандатот во одборите. (член 39 став (2)).
најдоцна до:  24:00 часот на 6 мај 2011 година
 
II.8.      Државната изборна комисија доставува барање до политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови и политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, да достават предлозите за членови на избирачки одбори и нивните заменици, заради формирање избирачките одбори за спроведување на гласање во ДКП (член 31 ст. (2) т. 40 вв член 38 и 39 и во 15 став (2))
најдоцна до:  24:00 часот на 27 април 2011 година
 
II.8.      Политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови и политичките партии на власт, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови,предлозите за членови на избирачки одбори и нивните заменици ги доставуваат до Државната изборна комисија во рок од пет дена од денот на добивањето на известување. ((член 31 ст. (2) т. 40 вв член 38 и 39 и во 15 став (2))
пет дена од денот на добивањето на известувањето од Државната изборна комисија а најдоцна до: 24:00 часот на 2 мај 2011 година
 
II.9.      Најдоцна до 24:00 часот на 3 мај 2011 година ДИК ги формира избирачките одбори за спроведување на гласањето во ДКП.
 
 
 
 
 
III.        ИЗБИРАЧКИ СПИСОК
III.1.     Државната изборна комисија најдоцна 10 дена од денот на распишувањето на изборите, избирачкиот список го става на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 10 дена. (член 49 став (1) и (4) во врска со член 15 став (2)).
на 25 април 2011 година во 00:00 часот започнува јавниот увид и трае до 24:00 часот на 4 мај 2011 година.
 
III.2.     Државната изборна комисија, Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, отпечатен во вид на изводи, го заклучува најдоцна 10 дена по завршениот јавен увид. (член 52 во врска со член 15 став (2)).
до 24:00 часот на 14 мај 2011 година. 
 
III.3.     Државната изборна комисија го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна 10 дена пред денот на одржување на изборите. (член 31 став (2) точка 31, во врска со член 15 став (2))
до 24:00 часот на 25 мај 2011 година.
 
III.4.     Државната изборна комисија преку МНР ги доставува до ДКП посебните изводи од Избирачкиот список за лицата на привремена работа или престој во странство врз основа на евиденцијата од надлежен орган, за ставање на јавен увид. (член 49 став (2)).
 
III.5.     Државната изборна комисија веднаш, а најдоцна два дена од денот на распишувањето на изборите до МНР доставува известување за објавување на јавен повик за распишување на изборите. МНР веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на добивањето на известувањето е должно да го достави до ДКП заради објавување во соодветната земја (член. 50-а ст. 1 и 2)
РОК:    ДИК известувањето го доставува до МНР веднаш, а најдоцна до 24:00 часот на 17 април 2011 год.
            МНР известувањето го доставува до ДКП веднаш, а најдоцна до 24:00 часот на 20 април 2011 год.
 
IV.        ПРЕДЛАГАЊЕ НА ЛИСТИ НА КАНДИДАТИ
IV.1.     Собирањето на потписи пред Државната изборна комисија за предлагање на листа на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија, од група избирачи, започнува 10-иот ден од денот на распишувањето на изборите и трае 10 дена – (член 63 став (2) во врска со член 15 став (2))).
на 25 април 2011 година во 00:00 часот започнува рокот за собирање на потписи од избирачи за предлагање на листи и трае до 24:00 часот на 4 мај 2011 година. 
 
IV.2.     Листите на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија, овластените претставници на предлагачите ја доставуваат до Државната изборна комисија. Листите на кандидати се доставуваат најдоцна 30 дена пред денот на одржување на изборите – (член 66 став (2) и (4) во врска со член 15 став (2)).
најдоцна до:  24:00 часот на 5-ти мај 2011 година
 
IV.3.     Државната изборна комисија по приемот на листата на кандидати утврдува дали истата е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. (член 67 став (1) во врска со член 15 став (2))
Веднаш по приемот на листата односно најдоцна во рок од 48 часа од приемот на листата
 
IV.4.     Ако Државната изборна утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик, односно констатираните неправилности или пропусти, подносителите на листата ги отстраниле во законскиот рок поднесената листа ќе ја потврди со решение. (член 67 став (3) во врска со член 15 став (2))
Веднаш по приемот на листите односно најдоцна во рок од 48 часа од приемот на листата
 
IV.5.     Ако Државната изборна комисија утврди дека во листата има одделни неправилности, ќе го повика овластениот претставник на подносителот на листата, да ги отстранат неправилностите во рок од 48 часа од приемот на листите. (член 67 став (2) во врска со член 15 став (2))
Веднаш по приемот на листите односно најдоцна во рок од 48 часа од приемот на листата
 
IV.6.     Ако Државната изборна комисија утврди дека листата е поднесена ненавремено, односно констатираните неправилности или пропусти, подносителот на листата не ги отстранил во рокот утврден во Изборниот законик, поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листите. (член 67 став 4 во врска со член 15 став (2))
во рок од 24 часа од приемот на листата
 
IV.7.     Редоследот на листите на кандидати, Државната изборна комисија го утврдува со ждрепка и тој број е ист во сите изборни единици. Во изборната единица каде нема да има свој преставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место. Државната изборна комисија, за активностите што ќе ги преземе во согласност со Изборниот законик, задолжително претходно ги известува овластените претставници на подносителите на листите. (член 31 ст.(2) т.5, 68, 69 ст. (2) во врска со член 15 став (2))
најдоцна до 24:00 часот на 12 мај 2011 година Државната изборна комисија ги известува овластените претставници на подносителите на листите за одржување на ждрепката.
Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, Државната изборна комисија ќе ја одржи на 13 мај 2011 година.
 
IV.8.     Државната изборна комисија утврдените единствени листи на кандидати за пратеници во изборните единици ќе ги објави во дневниот печат од кој еден е на јазикот на заедницата што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, најдоцна 20 дена пред денот определен за одржување на изборите. (член 69 став (2) во врска со член 15 став (2))
најдоцна до:    24:00 часот на 15 мај 2011 година
 
IV.9.     Државната изборна комисија преку Министерството за надворешни работи во рок од 48 часа ќе ги достави до ДКП утврдените единствени листи заради јавно објавување – (член 69 став (3))
во рок од 48 часа од утврдувањето на единствените листи или најдоцна до 24:00 часот на 15 мај 2011 год.
 
V.         ЗАДОЛЖИТЕЛНА ЕДУКАЦИЈА НА ИЗБОРНИТЕ ОРГАНИ
V.1.      Државната изборна комисија врши задолжителна едукација на членовите на општинските изборни комисии и им издава уверенија на начин и во рокови пропишани со програмата. (член 31 став (2) точка 7)
од 30 април до 22 мај 2011 година треба да се одржи задолжителна едукација на членовите на општинската изборна комисија
 
V.2.      Општинската изборна комисија врши ја организира и спроведува едукацијата на членовите на избирачките одбори според планот и програмата на Државната изборна комисија и им издава уверенија за завршена обука (член 37 став (2) точка 5)
од 23 мај до 2 јуни 2011 година треба да се одржи задолжителна едукација на членовите на избирачките одбори
 
VI.        ИЗБОРНА КАМПАЊА
VI.1.     Организаторот на изборната кампања во банка во Република Македонија задолжително отвора жиро – сметка со назнака „за изборна кампања”, во рок од 48 часа по потврдувањето на листата на кандидати и во тој рок од 48 часа, доказот за отворена жиро – сметка се доставува до надлежната изборна комисија. (член 71 став(1))
најдоцна до:  веднаш а најдоцна во рок од 48 часа
 
 
 
VI.2.     Ако организаторот на изборната кампања не отвори жиро – сметка во предвидениот рок потврдената листа за кандидати се поништува со решение од Државната изборна комисија. (член 71 став (2))
 
VI.3.     Изборната кампања (јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на организаторот на кампањата, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми) започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите. (член 69-а)
на 16 мај 2011 година во 00:00 часот започнува изборната кампања и завршува на 3 јуни 2011 година во 24:00 часот
 
VI.4.     Советот за радиодифузија, по предходно прибавено мислење од ДИК донесува Правилник за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања и Правилник за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборната кампања и ги објавува во „Сл. весник на РМ“. Со Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања се пропишуваат содржини кои се сметаат за изборно медиумско претставување и кои не се дозволени во периодот пред започнување на изборната кампања,како и начинот на однесување на радиодифузерите од денот на распишување на изборите до денот определен за започнување на изборната кампања. Со Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборната кампања се пропишуваат облиците на изборно медиумско претставување за време на изборната кампања, начинот на обезбедување на рамноправен пристап во претставувањето на учесниците во изборниот процес во сите облици на изборно медиумско претставување и начинот на известување за време на изборниот молк во програмите на радиодифузерите. (член 75 став (1), (2) и (3))
 
VI.5.     Радиодифузерите и печатените медиуми се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на изборните програми и на кандидатите на учесниците во изборниот процес. Во периодот од утврдување на ценовниците до започнување на изборната кампања, медиумите се должни најмалку двапати, јавно да ги објават ценовниците од ставот (2) на овој член, на своите програми, односно во своите печатени изданија. Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања (член 75-а став (2), (3) и (4))  
најдоцна до:   24:00 часот на 20 април 2011 година
 
VI.6.     Резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите. При објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето. (член 77)
најдоцна до:  24:00 часот на 30 мај 2011 година
 
VI.7.     Општината и градот Скопје се должни да ги објават условите за добивање право за користење на местата за истакнување изборни плакати, најдоцна 45 дена пред одржувањето на изборите. (член 78 став (5) во врска со член 15 став (2)))
најдоцна до:  24:00 часот на 20 април 2011 година
 
VII.       ИЗБОРНИ ЕДИНИЦИ И ИЗБИРАЧКИ МЕСТА
VII.1.    Државната изборна комисија најдоцна 25 дена пред денот определен за избори ќе ги објави описите на изборните единици утврдени со законикот. (член 177 во врска со член 15 став (2)).
најдоцна до:  24:00 часот на 10 мај 2011 година
 
 
 
VII.2.    Промена на описот на избирачкото место се врши при промена на имињата за улиците, односно куќните броеви и доколку се зголемува бројот на избирачите или просторната оддалеченост за определено избирачко место. Државната изборна комисија донесува решение со кое ја утврдува промената на описот на избирачкото место. Промена на описите на избирачките места може да се врши најдоцна 25 дена пред денот определен за изборите, односно гласање на референдум. (член 169 во врска со член 15 став (2)).
најдоцна до:   24:00 часот на 10 мај 2011 година
 
VII.3.    Во ДКП на Република Македонија за гласање во странство се определуваат посебни избирачки места. (чл. 164 ст. 3)
 
VII.4.    Избирачко место не може да се определува за населено место во кое живеат помалку од десет избирачи и во ДКП каде има пријавено помалку од десет избирачи за гласање (чл. 165 ст. 2)
 
VIII.                 НАБЉУДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ
VIII.1.   Организациите и лицата од член 161 од Изборниот законик доставуваат барање за набљудување до Државната изборна комисија од денот на распишувањето на изборите а најдоцна 5 дена пред денот на гласањето. (член 162 став (2) во врска со член 15 став (2))
Барање за набљудување на изборите се доставува почнувајќи од 15 април 2011 година а најдоцна до 24:00 часот на 29 мај 2011 година
 
VIII.2.   Државната изборна комисија им издава овластувања на набљудувачите најдоцна седум дена по приемот на барањето – (член 162 став (3))
најдоцна во рок од седум дена по приемот на барањето
 
IX.                   СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ
IX.1.     Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице) а сака да гласа за тоа ќе ја извести општинската изборна комисија најдоцна 3 дена пред денот определен за гласање. (член 111 став (1))
до 24:00 часот на 1 јуни 2011 година
 
IX.2.     Државната изборна комисија изборниот материјал го предава на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите. (член 91 став (1))
најдоцна до 24:00 часот на 1 јуни 2011 година
 
IX.3.     Државната изборна комисија изборниот материјал за гласање во ДКП го предава на овластено лице во Министерството за надворешни работи најдоцна пет дена пред денот на одржување на изборите. Министерството за надворешни работи изборниот материјал на ДКП го доставува веднаш по приемот. (член 91 став (2) и (3) во врска со член 15 став (2))
најдоцна до 24:00 часот на 29 мај 2011 година а Министерството за надворешни работи, изборниот материјал на ДКП го доставува веднаш по приемот
 
IX.4.     Општинската изборна комисија е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори. (член 92 став (1))
најдоцна до 24:00 часот на 4 јуни 2011 година
 
IX.5.     Болните и немоќни лица гласаат во нивните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите. (член 111 став (3)) на 4 јуни 2011 година
            Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување на казна затвор или се во притвор гласаат во казнено – поправните домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите. (член 113 став (2) и (4)) од 07:00 до 19:00 часот на 4 јуни 2011 година
 
 
Лицата со статус внатрешно раселени лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени еден ден пред денот определен за одржување на изборите. (член 194 став (3) во врска со член 113 став (4)) од 07:00 до 19:00 часот на 4 јуни 2011 година
 
IX.6.     Избирачите кои на денот на гласањето се на привремена работа или престој во странство гласаат во ДКП еден ден пред денот на одржувањето на изборите во Република Македонија. (член 113-а став (1))
на 4 јуни 2011 година од 07:00 до 19:00 часот почитувајќи ја временската разлика во земјата, односно од 07:00 до 19:00 часот согласно со сметањето на времето во соодветната земја.
 
IX.7.     Гласањето започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот на           5-ти јуни (недела) 2011 година
 
IX.8.     Во 19:00 часот на денот на гласањето гласачките места се затвараат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат – (член 101 став (1) и (2))
 
IX.9.     Записниците и другиот изборен материјал, избирачкиот одбор ги доставува до општинската изборна комисија во рок од 5 часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до општинската изборна комисија го доставува претседателот на избирачкиот одбор во придружба на заинтересирани членови на избирачкиот одбор, или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба – (член 118 став (1) и (4))
 
IX.10.   Записниците, запечатените коверти и другиот изборен материјал по завршувањето на гласањето, избирачките одбори преку Министерството за надворешни работи ги доставуваат до Државната изборна комисија – (член 113-а став (7))
 
IX.11.   По спроведувањето на изборите за пратеници во Собранието, врз основа на записниците од избирачките места, општинската изборна комисија ги сумира резултатите според изборните единици за избирачките места за кои е таа надлежна и според нивната припадност на изборната единица и во рок од пет часа од приемот на целокупниот изборен материјал од избирачките одбори ги сумира резултатите од гласањето за листата на кандидати од избирачките места за кои е надлежна, составува записници и истите и ги предава на Државната изборна комисија – (член 37 став (14) и (15))
 
IX.12.   Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите - (член 135 став (1))
 
IX.13.   Државната изборна комисија конечните резултати од изборите ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. (член 135 став (2))
 
X.         ЗАШТИТА НА ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО
X.1.      Против решението на Државната изборна комисија од член 67 став (4), може да се поднесе тужба до Управниот суд, преку Државната изборна комисија, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 24 часа од приемот на тужбата. Доставување на приговор и тужба по пошта не е дозволено. (член 67 став (6), (7) и (8))
 
X.2.      Секој подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето може да поднесе приговор до Државната изборна комисија. Приговорот се поднесува во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето односно објавување на првичните резултати. Државната изборна комисија е должна во рок од 48 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Одлуката по приговорот се доставува во електронско сандаче за прием на писмена и одлуката се смета за доставена во рок од пет часа од доставувањето во електронското сандаче.
 
Против одлуката на Државната изборна комисија, подносителот на приговорот по кој одлучувал Државната изборна комисија може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 48 часа од приемот на решението. Тужбата до Управниот суд подносителот ја заснова на основот и врз наводите истакнати во приговорот по кој е донесена првостепената одлука.
Управниот суд по тужбите решава во совет од петмина судии, избрани по пат на ждрепка на јавна седница за која ги информираат овластените претставници по чии тужби се одлучува. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата. Управниот суд може да ја потврди или преиначи одлуката. Одлуките по приговор и тужбата со самото донесување се објавуваат на интернет страницата на Управниот суд, Државната изборна комисија, градската изборна комисија и општинската изборна комисија и на друг соодветен начин. (член 148 и 150)
 
X.3.      Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапката на спроведување на гласањето може да поднесе приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа. Секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во постапката за спроведување на гласањето во странство може да поднесе приговор до Државната изборна комисија во рок од 24 часа по брза пошта, а времето на поднесување на приговорот се смета од времето на предавањето на пратката. Државната изборна комисија е должна во рок од 4 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на Државната изборна комисија може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа по приемот на решението. Ако одлуката се однесува на одредено дејствие на избирачкиот одбор, a процесот на гласање е во тек, на избирачот ќе му се овозможи остварување на избирачкото право.
Управниот суд по тужбите решава во совет од петмина судии, избрани по пат на ждрепка на јавна седница за која ги информираат овластените претставници по чии тужби се одлучува. Управниот суд е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на тужбата. Управниот суд може да ја потврди или преиначи одлуката. Одлуките по приговор и тужбата со самото донесување се објавуваат на интернет страницата на Управниот суд, Државната изборна комисија, градската изборна комисија и општинската изборна комисија и на друг соодветен начин. (член 149 и 150)
 
X.4.      Државната изборна комисија по службена должност, или по поднесен приговор, со решение го поништува гласањето на гласачкото место во случаите од член 151 став (1) алинеи 1, 2, 3, 4, 5 и 6. Државната изборна комисија во случаите од став (1) алинеи 1, 2, 5 и 6 од член 151, при одлучување по приговори ако фактите на кои се упатува во нив се внесени во записникот, е должна да изврши увид во целокупниот изборен материјал. Државната изборна комисија со решение ќе го повтори гласањето на гласачките места каде што гласањето е поништено, само ако вкупниот број на запишани избирачи на тие избирачки места на ниво на изборна единица влијае врз вкупните резултати. Против решението од член 151 ставови (1) и (2) може, во рок од 24 часа од приемот на решението, да се поднесе тужба до Управниот суд преку Државната изборна комисија. Управниот суд е должен да постапи по тужба во рок од 48 часа по нејзиниот прием. Гласањето на гласачкото место кое е поништено ќе се повтори по 14 дена од денот на гласањето - (член 151)
 
XI.        ПОДДРШКА НА РАБОТАТА НА ИЗБОРНИТЕ ОРГАНИ
XI.1.     Собранието, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Државниот завод за статистика и Службата за општи и заеднички работи на Владата и нивните подрачни единици како и општините и градот Скопје, се должни на органите за спроведување на изборите да им обезбедат технички, просторни и други услови за работа. За вршење на работите на органите им се обезбедуваат средства од Буџетот на Република Македонија. (член 25)
 
XI.2.     Во изборниот процес помош и сопствено учество имаат и Министерството за надворешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за администрација, Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство, Министерство за култура, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за локална самоуправа и Министерството за финансии како надлежни органи за доставување на податоци и вршење на проверки.
 
 
XI.3.     Советот за радиодифузија (по предходно прибавено мислење од ДИК) донесува Правилник за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања и Правилник за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборната кампања. Правилниците ги објавува во „Службен весник на Република Македонија“. Со Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања се пропишуваат содржини кои се сметаат за изборно медиумско претставување и кои не се дозволени во периодот пред започнување на изборната кампања, како и начинот на однесување на радиодифузерите од денот на распишување на изборите до денот определен за започнување на изборната кампања. Со Правилникот за рамноправен пристап во медиумското претставување за време на изборната кампања се пропишуваат облиците на изборно медиумско претставување за време на изборната кампања, начинот на обезбедување на рамноправен пристап во претставувањето на учесниците во изборниот процес во сите облици на изборно медиумско претставување и начинот на известување за време на изборниот молк во програмите на радиодифузерите. Радиодифузерите и печатените медиуми се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на изборните програми и на кандидатите на учесниците во изборниот процес. Во периодот од утврдување на ценовниците до започнување на изборната кампања, медиумите се должни најмалку двапати, јавно да ги објават ценовниците на своите програми, односно во своите печатени изданија. Ценовниците не смеат да се менуваат во текот на изборната кампања. (член 75 ст. (1), (2) и (3) и 75-а ст. (2), (3) и (4))  
 
 
 
 
 
 
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА
 
П Р Е Т С Е Д А Т Е Л
 
Б О Р И С    К О Н Д А Р К О
 
 
_____________________________
 


ПочетокРаботно претседателствоЧленовиСемејствата на членовитеСпонзориКонтролен одборФотографииКорисни адресиКонтактАрхиваАрхива 2011 избори